Протокол на здравствените, социјалните и образовните установи за спроведување на известување за студен бран

  • а) Подготвителна и зелена фаза (септември – октомври, секоја година)

    Согласно со “Акциониот план за заштита на здравјето на населението од студените бранови” се препорачуваат да бидат преземени следниве активности со цел заштита на здравјето на населението и на ранливите групи:

    • 1. Од Директорот да биде назначено одговорно лице кое ќе ги надгледува планирањето и спроведувањето на активностите кои се однесуваат на заштитата од студени бранови и студено време. Неопходно e назначеното лице да воспостави контакт со одговорните лица од Центарот за јавно здравје и Центарот за управување со кризи. Сите здравствени, образовни и социјални установи потребно е да ја дадат својата контакт електронска адреса (е-mail) и мобилен телефон на Центарот за јавно здравје и Центарот за управување со кризи, со цел да се овозможи непречен проток на информации во итни состојби.

    • 2. Во секоја соба каде што пациентите или ранливото население поминува значително време (соби за пациенти, спални соби, делови во кои се престојува подолго време во текот на денот или каде што се јаде) неопходно е да се постават термометри за мерење на температурата.

    • 3. Да се изврши соодветно планирање за обезбедување на греењето за време на зимскиот период.

    • 4. Здравствените институции треба да проверат дали Планот за одговор при кризни состојби вклучува и активности кои се однесуваат на студени бранови, истите да ги додадат во Планот, доколку не се дел од него, да ги ревидираат и за тоа да ги информираат вработените. Истово важи и за социјалните и образовните институции.

    • 5. Сите активности предвидени во Препораките за менаџери на здравствени установи, согласно со добиеното писмо од Министерството за здравство и со Препораките, како и согласно со Акциониот план, треба да бидат воспоставени.

    • б) Во случај на најава на студен бран (жолта, портокалова или црвена фаза)
    • Согласно со “Акциониот план за заштита на здравјето на населението од студените бранови” одговорните лица од Центрите за јавно здравје (во соработка со подрачните единици на Центарот за управување со кризи) воспоставуваат директна комуникација со установите што го покриваат соодветниот регион, 24 – 48 часа пред настапувањето на студениот бран, после добивањето на соодветната најава.
    • в) Во рамките на установите треба да бидат спроведени следниве мерки:

      Здравствени установи

    • Како и при кои било итни случаи болниците треба да обезбедат постојаност во услугите, паралелно со одговорот на итниот случај (ладен бран). Болничките планови за итни случаи треба:

      • да ги наведат сите болнички услуги според приоритет;

      • да ги одредат болничките услуги кои установата мора да ги обезбеди во секое време, како и изворите кои се потребни за да се осигури постојаноста на одредени основни услуги;

      • да ја осигурат координацијата со здравствените власти и со болниците во нивна близина;

      • да ги дефинираат улогите и одговорностите на секој член на локалната здравствена мрежа со цел постојано обезбедување на основните услуги ширум заедницата;

      • да вклучат мрежна поврзаност на болниците и на системите за препораки на локално и регионално ниво (и во некои специфични сценарија, на државно ниво).

    • Пензионерски домови и домови за нега
    • • Имајте план и посочете дејствија за справување со можните прекини во системот за греење.Ова вклучува план за привремено греење или за обезбедување специјални загреани простории во институцијата во која клиентите може да се преместат, или План за евакуација.

      • Дефинирајте ги превентивните дејства врз основа на возраста на клиентот.

      • Одредете ги клиентите според нивните хронични заболувања и посочете специфични дејствија за справување со штетните последици од ладното време врз нивното здравје. Соодветното планирање можеби ќе бара консултации со доктори за соодветно прилагодување на лекарствата.

      • Персоналот кој работи во институции за грижа на постари лица треба да биде обучен (обезбедување обука и информативен материјал) за соодветно водство при ризик врз здравјето од ладното време, прва помош, како и третирање или превенирање на симптоми, заболувања или повреди поврзани со изложеноста на ладно.

    • Информации за докторите и за медицинските сестри
    • • Повозрасните пациенти се почувствителни на ладното, отколку другите.

      • Можно е причината за заболувањето кај вашиот пациент да е поврзана со изложеноста на ладно време.

      • Можеби лекарствата за хроничните заболувања за време на зимскиот период ќе треба да се прилагодат според симптомите на пациентот и условите за живеење.

      • Пациентите може да се особено чувствителни на ладно поради нивното примарно заболување и поради придружните патолошки состојби.

      • Советувајте ги вашите пациенти за тоа како нивните заболувања влијаат на одговорот на ладното и како треба да се однесуваат при ладно време.

    • Училишта и градинки
    • • Прилагодете го времето кое го поминуваат надвор според временските услови (свежо/ладно/ветровито време).

      • Персоналот треба да биде обучен за препознавање (први знаци на предупредување, пр. ладна кожа), превенирање и првично третирање на здравствените проблеми поврзани со ладното време.

      • Проценете дали патувањето до институцијата е безбедно за децата (изложеност на ладно и ризик од несреќи).

      • Разгледајте ја можноста за служење топли пијалаци и топли оброци.

      • Земете го предвид недостатокот на персонал поради доцнење или недоаѓање на училиште и осигурете надзор над децата.

      • Подигнете ја свесноста кај родителите и кај персоналот за зголемениот и конкретен ризик врз децата од изложеност на ладно.

      • Поставете критериуми за затворање на училишта и градинки.

      • Институциите за нега и образование на деца мора да имаат План за справување со можните прекини на нивното греење или на електричната енергија.

    • Да се подготви Извештај до Центарот за јавно здравје за сите преземени активности, после завршувањето на подготвителната фаза (крај на мај, секоја година),како и 24 – 48 часа, после завршувањето на студениот бран.