Вовед

         Студеното време, особено екстремно ниските надворешни температури, можат да бидат опасни за сите и да предизвикаат различни последици по здравјето. Последиците ќе зависат од голем број фактори, како што се на пример времетраењето на ниските надворешни температури, степенот на температурните промени, како и од временските фактори какви што се квалитетот на воздухот, влажноста или ветерот.

        Со цел да се намалат и/или избегнат штетните влијанина врз здравјето на луѓето кои може да се јават како резултат на студеното време и студените бранови Владата на Република Македонија, во декември 2012 година, го усвои Акциониот план за превенирање на штетните влијанија и на последиците од студеното време и студените бранови врз здравјето на населението во Република Македонија. Спроведувањето на Планот започна во декември 2012 година, со воспоставување на систем за рано предупредување за студени бранови, преку соработка на здравствениот сектор, управата за хидро-метеоролошки работи и други релевантни институции, а со поддршка на СЗО, Канцеларија Скопје.


        Планот се состои од пет фази: сива фаза (подготвителен период), зелена фаза (нема опасност), жолта фаза (предупредувачки температури), портокалова фаза (студен бран), црвена фаза (екстремно ниски температури ). Секоја од фазите вклучува однапред утврдени превентивни мерки и активности за информирање на населението, на стручните лица и на надлежните институции и организации, притоа ставајќи  посебен акцент на ранливите групи.


         Планот е наменет за професионалците и за институциите кои вршат здравствена и социјална заштита, како и за институциите кои имаат одредени ингеренции и можности да вршат заштита на лицата кои се под ризик од студеното време во зимскиот период, а тоа се постарите лица, новороденчињата и децата од предучилишна возраст, како и лицата со одредени заболувања и со понизок социо – економски статус. Исто така, цел на Планот е да се подигне и свеста кај индивидуалците и кај заедниците во рамки на општините да им помогнат на своите соседи, пријатели, роднини, како и себе си, со цел колку што е можно во поголема мерка да се избегнат проблемите поврзани со студеното време. За да се постигне сето ова неопходна е и целосна вклученост на медиумите.

        Спроведувањето на активностите од Планот предвидува мултисекторски пристап. Активностите ќе се спроведуваат од повеќе министерства и други институции и организации, вклучувајќи ги: Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје на РМ и 10-те центри за јавно здравје, Институтот за медицина на труд на РМ, Центарот за управување со кризи, Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, одделите за унапредување на животната средина во рамки на општините (во првата фаза, активна вклученост на град Скопје), на Министерството за локална самоуправа, Министерството за образование и наука, Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, Црвениот крст на Република Македонија, НВО, вклучувајќи ѓи и претставници на медиумите.